Судии 6:14-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.”

15. ”Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.”

16. Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.”

17. Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене.

18. Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.” А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.”

19. Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сè тоа под дабот.

20. Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.” Тој направи така.

21. Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи.

22. А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!”

23. Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!”

24. Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).” Тој стои до денес во Авиезеровата Офра.

Судии 6