Судии 4:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. По смртта на Аод, Израелевите синови пак почнаа да прават што не Му беше на Господа по волја,

2. и Господ ги предаде во рацете на Јавин, ханаанскиот цар кој владееше во Асор.Воен началник на неговата војска беше Сисара, кој живееше во незнабожечкиот Аросет.

3. Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа. Зашто Јавин имаше шест стотини железни бојни коли, и тешко ги угнетуваше Израелците дваесет години.

4. Во тоа време на Израел му судеше пророчицата Девора, жената Лафидотова.

5. Живееше под Деворината Палма меѓу Рама и Ветил во Ефремовата Гора, и Израелците доаѓаа кај неа за да им пресудува во нивните спорови.

6. Таа го повика Варака, синот Авинеемов, од Нефталимовиот Кадес, и му рече: „Еве што ти заповеда Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди, тргни на гората Тавор и земи со себе десет илјади луѓе од Нефталимовите и Завулоновите синови.

7. Јас ќе го привлечам кон тебе, на Кисонскиот Поток, Сисара, војсководачот на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со сите војници, па ќе ги предадам во твоите раце.’”

8. Варак и одговори: „Ако дојдеш ти со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, не одам.”

9. ”Идам со тебе - му рече таа - но на патот по кој ќе тргнеш славата не ќе ти припадне тебе, зашто Господ ќе го предаде Сисара во раце на жена.” Тогаш Девора стана и тргна со Варака во Кадес.

10. Онаму Варак ги повика Завулона и Нефталима. Десет илјади луѓе тргнаа со него, а и Девора одеше со нив.

11. Кенеецот Хевер беше се одвоил од Кенеј, еден од синовите на Овав, Мојсеевиот дедо; го оптегна својот шатор кај Дабот во Занаим, недалеку од Кадес.

12. Му јавија на Сисара дека Варак, синот Авинеемов, излегол на гората Тавор.

13. Сисара ги собра сите свои бојни коли, девет стотини железни коли, и сите луѓе што ги доведе од незнабожечкиот Аросет до Кисонскиот Поток.

14. Девора му рече на Варака: „Стани, еве го денот кога Господ ќе го предаде Сисара во твои раце! Самиот Господ оди пред тебе!” И Варак слезе од гората Таворсо десет илјади луѓе со себе.

Судии 4