Судии 3:22-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Целата рака влезе со сечилото, и салото се склопи над острилото, зашто Аод не можеше да го извлече сечилото од утробата. Оттаму излезе нечистота.

23. Аод си отиде низ тремот; зад себе ја затвори вратата на горната соба и ја заклучи.

24. Кога тој си отиде, слугите се вратија за да погледаат. Бидејќи вратата на горната соба беше заклучена, рекоа: „Без сомнение отиде настрана, во клетот до ладната соба.”

25. Го чекаа долго време, со двоумење, зашто тој не ја отвори вратата на горницата. Најпосле зедоа клуч и отворија: нивниот господар лежеше на земјата, мртов.

26. Додека тие чекаа, Аод избега, ги замина веќе вајаните кипови и се засолна во Сеирот.

27. Штом дојде во Израелевата Земја, затруби во рог на Ефремовата Гора; и Израелевите синови слегоа со него од гората, а тој им стоеше на чело.

28. И им рече: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашитенепријатели.” Тие тргнаа по него, им го затворија на Моавците патот преку бродовите на Јордан и не оставија никого да премине.

29. Погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сè крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега.

30. Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години.

31. По него беше Самегар, синот Анатов. Тој погуби шест стотини Филистејци со воловски остен. Така и тој го избави Израел.

Судии 3