Судии 20:10-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. и ќе земеме од сите Израелеви колена по десет луѓе од сто и по илјада од десет илјади и тие ќе и носат храна на војската, на оние кои ќе тргнат да ја казнат Венијаминова Гаваја за срамното дело што го направила во Израел.”

11. И се собраа Израелците против оној град, здружени како еден човек.

12. Тогаш Израелевите племиња испратија пратеници по сето Венијаминово племе со порака: „Какво гнасно дело е направено среде вас?

13. Сега предајте ги оние развратни луѓе, кои се во Гаваја, за да ги погубиме и да го откорнеме злото од Израел!” Но Венијаминовците не сакаа да ги послушаат своите браќа Израелци.

14. Венијаминовите синови се собраа, од своите градови, во Гаваја за да завојуваат против Израелците.

15. А Венијаминовците, кои дојдоа од разни градови, беа изброени во тој ден дваесет и шест илјади луѓе свикнати на меч, без жителите на Гаваја.

16. Од сиот тој народ имаше седум стотини вешти луѓе, кои беа леваци, и секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта.

17. А Израелците беа, без Венијаминовите синови, четири стотини илјади, сè луѓе свикнати на меч и сè само воини.

18. Израелевите синови, откако станаа, тргнаа во Ветил за да се посоветуваат со Бога: „Кој од нас да тргне прв во бој против Венијаминовите синови?” - прашаа Израелците. А Господ одговори: „Јуда нека тргне прв.”

19. Наутро Израелците тргнаа та се влогорија пред Гаваја.

20. Откако тргнаа во бој против Венијаминовците, се наредија во боен ред пред Гаваја.

21. А Венијаминовите синови излегоа од Гаваја и му погубија во тој ден на Израел дваесет и две илјади луѓе, кои останаа на полето.

22. Израелците отидоа и плачеа пред Господа сè до вечерта, а тогаш Го прашаа Господа: „Треба ли пак да излеземе во бој против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете против него!”

23. Тогаш војската на Израелевите синови се охрабри и повторно се нареди во боен ред, на истото место каде што се наредија во првиот ден.

Судии 20