Судии 19:22-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Додека тие се закрепнуваа, ете, некои граѓани, развратни луѓе, му ја опкружија куќата и, тропајќи со сета сила на вратата, му рекоа на старецот, господарот на куќата: „Изведи го тој човек кој влезе во твојот дом за да го познаеме.”

23. Тогаш домаќинот излезе од куќата и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло. Човекот влезе во мојот дом, затоа не правете беззаконие.

24. Еве, мојата ќерка е девица, ќе ви ја отстапам. Правете со неа што ви е мило, но на овој човек не правете му беззаконие.”

25. Луѓето не сакаа да го послушаат. Тогаш оној човек ја зеде соложницата па им ја изведе. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ до утрото, а кога забелеа мугрите, ја пуштија.

26. Пред зората, жената дојде и падна при вратата на куќата на оној човек каде што беше нејзиниот господар, и лежеше таму додека не се раздени.

27. Нејзиниот господар стана наутро, ја отвори куќната врата па излезе за да го продолжи патот; кога ја забележа жената, својата соложница, како што лежи при куќната врата, со рацете на прагот.

28. ”Стани, да си одиме” - и рече. Но немаше одговор. Тогаш ја зеде, ја натовари на ослето и тргна на пат за да се врати дома.

29. Кога дојде дома, извади нож и го зеде мртвото тело на соложницата, го исече, член по член, на дванаесет делови и ги распрати во сите краишта на Израел.

30. И секој што виде, рече: „Вакво нешто не се случило од денот кога Израелците излегоа од Египет до денешниот ден. Треба за тоа да се размисли, да се посоветува и да се зборува.”

Судии 19