Судии 18:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во она време немаше цар во Израел. Тогаш Дановото племе бараше земја каде да се насели, зашто до тој ден не им падна наследство меѓу Израелевите колена.

2. Затоа Дановците испратија петмина луѓе од своето племе, луѓе особено храбри од Сараја и од Естаол, за да ја извидат и за да ја запознаат земјата. И им рекоа: „Одете, извидете ја земјата.” И тие дојдоа во Ефремовата Гора, до Михината куќа, и заноќија таму.

3. Бидејќи беше близу до Михината куќа, го познаа гласот на младиот левит; навратија таму па го прашаа: „Кој те доведе ваму? Што правиш тука? И зошто си тука?”

4. А тој им одговори: „Миха направи така и така за мене. Тој ме глави, а јас му служам како свештеник.”

5. ”Прашај Го Бога - му рекоа - да знаеме дали ќе ни успее патот по кој одиме?”

6. ”Одете во мир - им одговори свештеникот - патот по кој што тргнавте е по Господова волја.”

7. Тогаш оние петмина отидоа и стигнаа во Лаис. И видоа дека народот што е во него живее без страв - според обичајот на Сидонците: безгрижно и мирно; дека имаат сè што раѓа земјата; дека се далеку од Сидонците и дека немаат никакви односи со други.

8. Кога се вратија при своите браќа во Сараја и во Естаол, браќата ги прашаа: „Што научивте?”

9. Тие одговорија: „На нозе! Да се нафрлиме врз нив! Земјата што ја видовме е многу добра. О вие, мрзливци! Не се двоумете да се нафрлите за да ја освоите земјата.

10. Кога ќе дојдете, ќе најдете таму безгрижен народ. Земјата е пространа. Бог го предава во ваши раце местото што не е скудно во ништо што раѓа земјата!”

11. Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол.

12. Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим.

13. Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа.

14. А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.”

15. Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија.

Судии 18