23. Филистејските кнезови се собраа да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се повеселат. Тие зборуваа: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон.”
24. А народот, откако го виде, почна да го фали својот бог, па воскликнуваа во негова чест, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон, кој ни ја запустуваше земјата и кој погуби многу од нас.”
25. Кога срцето им заигра, извикаа: „Доведете го Самсона за да нè забавува!” И го доведоа Самсона, од темницата, и тој ги веселеше нив; а потоа го ставија меѓу столбовите врз кои се крепеше зградата.
26. Тогаш Самсон му рече на детето кое го водеше за рака: „Води ме и помогни ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи зградата, за да се потпрам врз нив.”
27. А куќата беше полна со мажи и жени. Тука беа и сите филистејски кнезови, а на покривот три илјади луѓе, кои гледаа како ги развеселува Самсон.
28. Самсон извика кон Господа: „Господи, Господи, спомни си за мене и дај ми сила, само уште сега, за да им се одмаздам на Филистејците за двете очи.”
29. И Самсон ги напипа двата средни столба врз кои лежеше зградата, се потпре на нив, со десната на едниот, а со левата на другиот
30. и извика: „Нека загинам со Филистејците!” И напна со сета сила и ја урна зградата врз кнезовите и врз сиот народ што се наоѓаше таму. Повеќе ги уби умирајќи отколку што ги истепа во животот.
31. Потоа неговите браќа и сиот дом на неговиот татко дојдоа, го зедоа и го однесоа, и го погребаа меѓу Сараја и Естаол, во гробот на Маној, неговиот татко. Тој му судеше на Израел дваесет години.