15. Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.”
16. Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт.
17. И и го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.”
18. Тогаш Делила сфати дека и го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.” И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе.
19. Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави.
20. Кога таа извика: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” тој се разбуди и помисли: „Ќе се извлечам како и секогаш и ќе се ослободам.” Но не знаеше дека Господ се сврти од него.
21. Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го оковаа со двојни бронзени вериги, та вртеше мелница во темницата.
22. Но косата почна пак да расте каде му ја избричија.
23. Филистејските кнезови се собраа да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се повеселат. Тие зборуваа: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон.”
24. А народот, откако го виде, почна да го фали својот бог, па воскликнуваа во негова чест, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон, кој ни ја запустуваше земјата и кој погуби многу од нас.”
25. Кога срцето им заигра, извикаа: „Доведете го Самсона за да нè забавува!” И го доведоа Самсона, од темницата, и тој ги веселеше нив; а потоа го ставија меѓу столбовите врз кои се крепеше зградата.
26. Тогаш Самсон му рече на детето кое го водеше за рака: „Води ме и помогни ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи зградата, за да се потпрам врз нив.”
27. А куќата беше полна со мажи и жени. Тука беа и сите филистејски кнезови, а на покривот три илјади луѓе, кои гледаа како ги развеселува Самсон.