Судии 11:24-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. Зар не е твое она што твојот бог Хемос им го одзеде на старите сопственици? Така и сè она што Господ, нашиот Бог, им го одзеде на старите сопственици, ние го имаме сега во сопственост!

25. Во што си ти подобар од моавскиот цар Валак, синот Сефоров? Дали и тој спореше со Израел? Дали тој војуваше против него?

26. Кога Израел се насели во Есевон и во неговите села, во Ароир и во неговите села, а така и по сите градови на брегот на Јордан - еве, веќе триста години - зошто тогаш не ги одзедовте?

27. Јас не ти згрешив тебе, туку ти ми правиш неправда војувајќи против мене. Господ, Судијата, нека пресуди денес меѓу Израелевите синови и Амоновите синови.’”

28. Но царот на Амонците не ги послуша зборовите што му ги испрати Јефтај.

29. Господов Дух дојде на Јефтај, па тој помина низ Галадовото и низ Манасиевото племе, помина низ Галадска Миспа, а од Галадската Миспа дојде зад Амонците.

30. И Јефтај Му се заветува на Господа: „Ако ми ги предадеш Амонците во раце,

31. првиот кој ќе излезе низ вратата на мојата куќа за да ме пресретне, кога ќе се враќам како победник од бојот со Амонците, ќе биде Господов, и него ќе го принесам како паленица.”

32. Јефтај тргна против Амонците за да ги нападне, и Господ ги предаде во неговите раце.

33. И Јефтај ги порази од Ароир до близу Минт - во дваесет градови - и сè до Авел-Керамим. Тоа беше нивни голем пораз; и Амонците беа покорени пред Израел.

34. Кога Јефтај се врати дома во Миспа, ете, во пресрет му излезе ќерката, играјќи при звуци на тапани. Таа му беше единка, освен неа немаше ни син ни ќерка.

Судии 11