Судии 11:21-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. Господ, Израелевиот Бог, ги предаде Сиона и сета негова војска во рацете на Израел, кој ги порази; та Израел ја завладеа сета земја на Аморејците, кои го населуваа тоа подрачје.

22. Така ја завладеа сета земја на Аморејците од Арнон до Јавок, и од пустината до Јордан.

23. И сега кога Господ, Израелевиот Бог, ги протера Аморејците пред Својот народ Израел, ти би сакал да нè избркаш?

24. Зар не е твое она што твојот бог Хемос им го одзеде на старите сопственици? Така и сè она што Господ, нашиот Бог, им го одзеде на старите сопственици, ние го имаме сега во сопственост!

25. Во што си ти подобар од моавскиот цар Валак, синот Сефоров? Дали и тој спореше со Израел? Дали тој војуваше против него?

26. Кога Израел се насели во Есевон и во неговите села, во Ароир и во неговите села, а така и по сите градови на брегот на Јордан - еве, веќе триста години - зошто тогаш не ги одзедовте?

27. Јас не ти згрешив тебе, туку ти ми правиш неправда војувајќи против мене. Господ, Судијата, нека пресуди денес меѓу Израелевите синови и Амоновите синови.’”

28. Но царот на Амонците не ги послуша зборовите што му ги испрати Јефтај.

29. Господов Дух дојде на Јефтај, па тој помина низ Галадовото и низ Манасиевото племе, помина низ Галадска Миспа, а од Галадската Миспа дојде зад Амонците.

30. И Јефтај Му се заветува на Господа: „Ако ми ги предадеш Амонците во раце,

31. првиот кој ќе излезе низ вратата на мојата куќа за да ме пресретне, кога ќе се враќам како победник од бојот со Амонците, ќе биде Господов, и него ќе го принесам како паленица.”

32. Јефтај тргна против Амонците за да ги нападне, и Господ ги предаде во неговите раце.

33. И Јефтај ги порази од Ароир до близу Минт - во дваесет градови - и сè до Авел-Керамим. Тоа беше нивни голем пораз; и Амонците беа покорени пред Израел.

34. Кога Јефтај се врати дома во Миспа, ете, во пресрет му излезе ќерката, играјќи при звуци на тапани. Таа му беше единка, освен неа немаше ни син ни ќерка.

35. Кога ја виде, ги раздра своите облеки и рече: „Ах, моја ќерко, ме фрли во голема тага! Зар токму ти требаше да ми донесеш несреќа! Те заветував на Господа, и не можам да го одречам заветот.”

36. Таа му одговори: „Татко мој, ако си Му направил завет на Господа, стори со мене како што си се заветувал, зашто Господ ти даде да им се одмаздиш на Амонците, на своите непријатели.”

37. Тогаш го замоли татка си: „Исполни ми ја оваа молба: пушти ме да бидам слободна два месеца; ќе скитам по горите со моите другарки и ќе ја оплачувам мојата девственост.”

38. ”Оди”- и рече тој, и ја пушти за два месеца. Таа отиде со своите другарки, и ја оплакуваше својата девственост по горите.

Судии 11