Судии 11:13-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Царот на Амонците им одговори на Јефтаевите посланици: „Во времето кога излегуваше од Египет, Израел ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и до Јордан. Затоа сега врати ми ја доброволно!”

14. Јефтај повторно му испрати пратеници на царот на Амонците,

15. и му порача: „Вака зборува Јефтај: ‘Израел не зеде ни моавска ни амонска земја,

16. туку, откако излезе од Египет, Израел помина преку пустината до Црвеното Море и дојде до Кадис.

17. Тогаш Израел му испрати пратеници на едомскиот цар со молба: Сакам да поминам низ твојата земја! Но едомскиот цар не ги послуша. Ги испрати и при моавскиот цар, но и тој не сакаше, та Израел остана во Кадис.

18. Потоа преку пустината ги заобиколи Едомската и Моавската Земја и дојде на исток од Моавската Земја. Народот постави логор од онаа страна на Арнон не преминувајќи ја границата на Моав, зашто Арнон беше моавска меѓа.

19. Потоа Израел му испрати пратеници на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон, и му порача: „Пушти ме да поминам низ твојата земја до местото што ми е одредено.”

20. Но Сион не го пушти Израел да помине преку неговото подрачје, туку ја собра сета своја војска, што беше влогорена во Јаса и зафати бој со Израел.

21. Господ, Израелевиот Бог, ги предаде Сиона и сета негова војска во рацете на Израел, кој ги порази; та Израел ја завладеа сета земја на Аморејците, кои го населуваа тоа подрачје.

22. Така ја завладеа сета земја на Аморејците од Арнон до Јавок, и од пустината до Јордан.

23. И сега кога Господ, Израелевиот Бог, ги протера Аморејците пред Својот народ Израел, ти би сакал да нè избркаш?

Судии 11