Судии 1:10-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. И Јуда отиде против Ханаанците, кои живееја во Хеврон - на Хеврон некогаш името му беше Киријат Арва - и таму ги поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја.

11. Оттаму отиде против жителите на Давир, што некогаш беше викан Киријат-Сефер.

12. И Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дадам својата ќерка Ахса за жена.”

13. Го зазеде Готонил, син Кенезов, помалиот брат Халевов, и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена.

14. Кога му пријде на мажот, тој ја наговори да бара полиња од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?”

15. Таа му одговори: „Дај ми благослов! Кога ми даде крај во Негев, дај ми тогаш и некои извори.” И Халев и ги даде Горните и Долните Извори.

16. Синовите на Кенеецот Јотор, Мојсеевиот дедо, отидоа од Палминиот Град со Јудините синови во Јудината Пустина, што е во Негев, на југ од Арад. Таму се населија меѓу Амаликците.

17. Потоа Јуда отиде со братот Симеон и ги погубија Ханаанците кои живееја во Сефат, и го предадоа на „херем”, на проклетство. Заради тоа градот беше наречен Орма (Истребување).

18. Исто Јуда успеа да ги заземе: Газа со нејзиното подрачје, Аскалон со неговото подрачје и Акарон со неговото подрачје.

19. Господ беше со Јуда, па тој го освои Горјето, но не можеше да ги изгони оние во низината, зашто имаа железни коли.

Судии 1