12. Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота!
13. Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба,
14. та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив.
15. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите?
16. Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се.
17. Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката,
18. не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе!
19. Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!”
20. Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата.
21. Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе.
22. И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен.
23. А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми.
24. Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои и се природни.