Псалми 44:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. За началникот на пејачите. Учење за Кореевите синови. Боже, со своите уши слушавме, нашите татковци ни раскажуваа, за делото што го направи во нивните дни, во стари времиња.

2. Со Својата рака ги протера многубошците, а нив ги посади, ги откорна народите, а нив ги рашири.

3. Со нивниот меч тие не ја зазедоа земјата, ниту нивната мишка им донесе победа, туку Твојата десница и Твојата мишка, и светлоста на Твоето лице, зашто ги љубеше.

4. Ти, о мој Царе и Боже мој, Ти му даде победа на Јакова.

5. Преку Тебе ги одбивме нашите непријатели, во Твоето име ги згазивме оние, што се кренаа против нас.

6. Не се надевав на својот лак, ниту мојот меч ме спасуваше.

7. Туку, Ти, Ти нè избави од непријателите, Ти ги засрами оние што нè мразат.

8. Се фалевме со Бога во секое доба и Твоето име го славевме секогаш.

9. А сега нè отфрли и нè засрами, и повеќе не излегуваш, Боже со нашите чети.

10. Ти остави да се повлечеме пред непријателите, и нè ограбија нашите мразители.

11. Нè даде како овци за колење, и нè растури меѓу народите.

12. Го продаде Својот народ за ништо, и не се збогати со продажбата.

13. Нè направи за срам меѓу нашите соседи, смеа и играчка за оние околу нас.

14. Засрамени сме меѓу народите, народите кимнуваат со главата над нас.

15. Мојата срамота секогаш ми е пред очите, и срамот ми го покрива лицето.

16. Заради навредливата врева на подбивачите, заради осветољубивите непријатели.

17. Сè тоа нè снајде иако не Те заборавивме, ниту го изневеривме Твојот Завет,

Псалми 44