Псалми 22:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. За хоровиот началник, според „Кошута во зора.” Давидов псалм. Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? Далеку си од моето спасение, од зборовите на моето офкање.

2. Боже мој, викам дење, но не одговараш; и ноќе но немам мир.

3. Но Ти си Свет, Надеж Израелева!

4. Нашите татковци се надеваа на Тебе, се надеваа и Ти ги избави;

5. кон Тебе викаа и се спасуваа, на Тебе се надеваа и не се засрамија.

6. А јас сум црв, а не човек, срам за луѓето и презрен од народот.

7. Сите што ме гледаат, ми се потсмеваат, ги растегат усните, мавтаат со главата и велат:

8. „Тој се надева на Господа, нека го избави; нека го спаси, ако го милува!”

9. Но, Ти ме извади од утробата, Ти ме смири врз мајчините гради.

10. Тебе сум Ти оставен од моето раѓање, од мајчиното крило Ти си мој Бог.

11. Не се оддалечувај од мене, зашто е близу неволјата, а нема никој да ми помогне.

12. Ме опколија многубројни јунци, васански бикови ме опкружија.

13. Своите усти ги отворија на мене, како лав што го раскинува пленот и рика.

14. Се разлеав како вода, ми се разглобија сите коски; моето срце стана како восок, се растопи во мене.

15. Мојата сила се исуши како црепна, и мојот јазик се залепи до непцето; Ти ме фрли во смртниот прав.

16. Кучињата ме опколија; лукав народ ме опкружи. Ги прободија моите раце и моите нозе.

17. Можам да ги пребројам сите свои коски, а тие ме гледаат и ме презираат.

Псалми 22