59. Размислував за своите патишта и ги насочив нозете кон Твоите сведоштва.
60. Побрзав и не се двоумам да ги чувам Твоите заповеди.
61. Ме сплеткаа јажињата на грешниците, но јас не го заборавам Твојот Закон.
62. Станувам, на полноќ, за да Те славам, заради Твоите праведни одлуки.
63. Пријател сум им на сите, што се бојат од Тебе и што ги чуваат Твоите наредби.
64. Господи, земјата е полна со Твојата милост, научи ме на Твоите повелби.
65. ТЕТ. Господи, му стори добро на Твојот слуга, според Твојот збор.
66. Научи ме на разум и знаење, зашто верувам во Твоите заповеди.
67. Скитав, пред да бидам понижен, но сега го чувам Твојот збор.
68. Ти си толку благ и добар, научи ме на Твоите правила.
69. Горделивите смислуваат клевета против мене, но јас со сето срце се придржувам кон Твоите правила.
70. Срцето им е здебелено од маст, а јас се насладувам во Твојот Закон.
71. Добро ми е дека се мачев за да ги научам Твоите повелби.
72. Помил ми е Законот на Твојата уста, отколку илјади златници и сребреници.
73. ЈОД. Твоите раце ме направија и ме создадоа; вразуми ме за да ги научам Твоите заповеди.
74. Оние кои се бојат од Тебе се веселат кога ќе ме видат, зашто јас се надевам на Твојот збор.
75. Знам, о Господи, дека Твоите судови се праведни, и според верноста Твоја Ти ме измачи.
76. Твојата љубов нека ми биде тешителка, според ветувањето што му го даде на Твојот слуга.