Проповедник 2:6-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Направив езера за да ги наводнувам посадените дрва.

7. Купив робови и робинки, имав и домашни слуги, а исто и стада со крупен и ситен добиток повеќе од кој и да е друг пред мене во Ерусалим.

8. Натрупав сребро и злато и скапоцености од царевите и покраините; набавив пејачи и пејачки и секакви човечки раскоши, сè сокровиште на сокровиште.

9. И станав толку голем, поголем од кој и да е пред мене во Ерусалим; а не ме остави ни мојата мудрост.

10. И што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд, и таква му беше наградата на секој мој напор.

11. А тогаш ги разгледав сите свои дела, сите напори што ги вложив за да дојдам до нив - и ете, сè е тоа суета и гониветер! И нема полза под сонцето.

12. Потоа ја свртив мојата мисла кон мудроста, кон глупоста и кон лудоста. Што би направил човек кој дошол после царот? Освен тоа што е веќе направено.

13. И сознав дека мудроста е подобра од лудоста, како што е светлината подобра од темнината.

14. На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина. Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб.

15. Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?” И реков во срцето: „И тоа е суета!”

16. Зашто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата! И, мудрецот умира како и безумникот.

17. Го замразив животот, зашто ми се стори тешко сè што се збиднува под сонцето: зашто сè е суета, и тежина на духот.

18. Замразив сè за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на својот наследник.

Проповедник 2