Проповедник 10:10-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Кога ќе се затапи железото и неговата острица не е наострена, тогаш треба повеќе сила; а успехот е награда на мудроста.

11. Ако змијата касне пред вражањето, тогаш вражачот ништо не користи.

12. Полни се со благодат зборовите од устата на мудрецот, а безумникот го упропастуваат неговите усни.

13. Тој ги почнува своите беседи со лудост и ги завршува со целосно безумство.

14. Лудакот зборува премногу: човекот не ја знае иднината, и кој може да му каже што ќе биде после него?

15. Лудите ги мори нивниот труд; зашто тие не знаат да отидат ни во градот.

16. Тешко тебе земјо, кога ти е царот премлад и кога твоите кнезови се гостат веќе наутро.

17. Блазе ти, земјо, кога ти е царот син на благородник и кога твоите кнезови јадат на време, за да се поткрепат, а не да се испијанат.

18. Од мрзливост се свиткуваат гредите, заради негрижа прокапува куќата.

19. Но гозбите се заради забава, и виното го развеселува животот, а сребрениците набавуваат сè.

20. Не колни го царот ни во својата мисла, не колни го богатиот ни во својата соба, зашто птиците ќе го однесат гласот и сè што е крилесто, ќе ја каже клеветата.

Проповедник 10