1. Зборови на Проповедникот, Да-видовиот син, царот во Ерусалим.
2. ”Суета над суетите, вели Проповедникот, суета над суетите, сè е суета!”
3. Каква му е ползата на човекот од сиот негов труд, со кој се труди под сонцето?
4. Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува секогаш.
5. Сонцето изгрева, сонцето заоѓа и тогаш брза кон своето место откаде изгрева.
6. Ветерот дува кон југ, и се свртува кон север, виори сега наваму сега натаму, и се враќа во нов виор.
7. Сите реки течат во морето, и морето не се преполнува; од каде што течат реките, таму се враќаат за да го почнат повторно својот тек.
8. Сè е мачно. Никој не може да рече дека очите се нагледаа до насита и дека ушите се наслушале достатно.
9. Што било, пак ќе биде, и што се правело, пак ќе се прави, и нема ништо ново под сонцето.
10. Има ли нешто за што би можело да се рече: „Ете, ова е ново!” Сè суштествуваше дамно пред нас.
11. Само, од минатото не остана ни спомен, како што ни во иднината не ќе има сеќавање за она што ќе дојде после.