П.надпесн. 2:4-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта.

5. Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов.

6. Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.

7. Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака.

8. Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови.

9. Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките.

10. Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!

11. зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати.

12. Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај.

13. Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!

14. Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!”

П.надпесн. 2