Откровение 22:7-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. И, ете, доаѓам скоро. Блажен е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!

8. И јас, Јован, сум тој кој го чу и го виде ова, и кога чув и видов, паднав да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова.

9. И ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој, и на твоите браќа, и на пророците, и на сите оние, кои ги пазат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!”

10. И ми рече: “Не запечатувај ги пророчките зборови на книгава, зашто времето е близу!

11. Кој врши неправда, нека врши уште неправда; и кој е нечист, нека се онечистува уште; и кој е праведен нека врши уште правда; и кој е свет, нека се осветува уште!”

12. И ете, доаѓам скоро, и наградата Моја е со Мене, за да му дадам секому според неговото дело!

13. Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Свршетокот.

14. Блажени се оние, кои ги перат своите облеки, за да имаат право на дрвото на животот и за да можат да влезат во градот низ портите!

15. Надвор се кучињата и вражалците, и блудниците и убијците, и идолопоклониците и секој, кој ја сака лагата и лаже.”

16. ”Јас, Исус, го испратив Својот ангел, да ви го посведочи ова на црквите. Јас Сум корен и род Давидов; сјајната ѕвезда Деница!”

Откровение 22