23. И кога Исус дојде во куќата на началникот, ги виде свирачите и народот како вика,
24. и рече: „Отстранете се, зашто девојчето не е умрено, туку спие.” И тие Му се потсмевнуваа.
25. Откако го истера народот, влезе и ја фати за рака, и девојчето стана.
26. И гласот за тоа се рашири по сета онаа земја.
27. И кога Исус си одеше оттаму, двајца слепци Го следеа, викајќи и зборувајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов!”
28. А кога дојде во куќата, слепците Му пристапија, а Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Му рекоа: „Да, Господи!”
29. Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: „Нека ви биде според вашата вера.”
30. И очите им се отворија. И Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не научи за тоа!”