Матеј 7:12-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. ”И така, сè што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.”

13. ”Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа.

14. Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.”

15. ”Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци.

16. Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?

17. Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови.

18. Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови.

19. Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган.

20. И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.”

21. ”Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата.

22. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’

23. И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’

24. ”И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен.

Матеј 7