Матеј 6:12-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштаваме на нашите должници;

13. и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин!”

14. ”Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам.

15. Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ни вашиот Татко нема да ви ги прости вашите.”

16. ”А кога постите, не бидете тажни како лицемерите; зашто си ги помрачуваат лицата, за да ги видат луѓето дека постат; вистина ви велам, ја имат својата награда.

17. А ти, кога постиш, помажи ја својата глава и измиј го своето лице,

18. за да не те видат луѓето дека постиш, но твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.”

19. ”Не собирајте си богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуват, и каде што крадци поткопуваат и крадат;

20. туку собирајте си богатства во небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат;

21. зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце.”

22. ”Светилото на телото е окото. И така, ако твоето око е бистро, целото твое тело ќе биде осветлено;

23. но ако твоето око е лукаво, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, колкава ќе биде темнината!”

24. ”Никој не може да им служи на два господара; зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе му биде приврзан на едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите на Бога и на мамона.”

25. ”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката?

26. Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив?

27. Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот?

28. Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат;

Матеј 6