6. Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат!
7. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
8. Блажени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9. Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји!
10. Блажени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно!
11. Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене.
12. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас.
13. Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.
14. Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие;
15. ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата.
16. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.”
17. ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам.
18. Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè.
19. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно;