Матеј 27:5-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси.

6. А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.”

7. Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци.

8. Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива.

9. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови,

10. и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.”

11. А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?” А Исус рече: „Ти велиш”.

12. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо.

13. Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сè сведочат против Тебе?”

14. И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу.

15. А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале.

16. Тогаш имаа прочуен затвореник, кој се викаше Варава.

17. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?”

18. Зашто знаеше дека Го предадоа од завист.

19. И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!”

Матеј 27