42. ”Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме!
43. Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!”
44. А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него.
45. А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час.
46. Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?”
47. А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!”
48. И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие.
49. А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!”
50. А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот.
51. И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа,
52. а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети;
53. и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина.
54. А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!”