Матеј 26:57-74 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

57. А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книжниците и старешините.

58. А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.

59. А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа,

60. иако дојдоа многу лажни сведоци.

61. Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’”

62. Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?”

63. А Исус молчеше. Првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?”

64. Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.”

65. Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Го хули Бога! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата?

66. Што мислите?” А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!”

67. Тогаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници,

68. а други му удираа плесници, говорејќи: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?”

69. А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде при него и му рече:”И ти беше со Галилеецот Исус!”

70. А тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!”

71. А кога излезе пред главниот влез, го виде друга и им рече на тие, кои беа таму: „И овој беше со Назареецот Исус.”

72. Тој пак се одрече со заклетва: „Не го знам Човекот.”

73. Малку потоа му се приближија оние, кои стоеја, и му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава.”

74. Тогаш почна да се проколнува и да се заколнува: „Не го знам Човекот.”

Матеј 26