34. Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.”
35. Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” Така рекоа и сите ученици.
36. Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.”
37. И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува.
38. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!”
39. И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!”
40. И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час?
41. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!”
42. Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.”
43. И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале.
44. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови.
45. Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Човечкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците.