32. А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.”
33. Тогаш Петар одговори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.”
34. Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.”
35. Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” Така рекоа и сите ученици.
36. Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.”
37. И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува.
38. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!”
39. И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!”
40. И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час?
41. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!”