Матеј 26:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога Исус ги заврши сите тие беседи, им рече на Своите ученици:

2. ”Знаете дека Пасхата е по два дни, и ќе Го предадат Човечкиот Син, за да Го распнат.”

3. Тогаш големите свештеници и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, кој се викаше Кајафа,

4. и се договорија да Го фатат Исуса на измама и да Го убијат.

5. Но велеа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.”

6. А кога Исус беше во Витанија, во куќата на лепрозниот Симон,

7. Му се приближи жена, со сад од алавастер со скапоцено миро, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат до столот.

8. Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „За што е ова растурање?

9. Оти тоа миро можеше да биде продадено скапо, и сребрениците да им се дадат на сиромасите!”

10. Но Исус го разбра тоа и им рече: „Зошто и здодевате на жената? Таа Ми направи добро дело,

11. зашто сиромасите ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш;

12. зашто кога таа го излеа мирото врз Моето тело, го стори тоа за Моето погребение.

Матеј 26