Матеј 2:6-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’

7. Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата,

8. и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.”

9. Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето.

10. И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост.

11. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.

12. И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.

13. А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.”

14. И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет;

15. и таму беше до Иродовата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.”

16. Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците.

17. Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече:

18. ”Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.”

19. А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет,

20. и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.”

21. И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева.

22. Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; туку предупреден од Бога во сон отиде во пределите Галилејски;

23. и откако дојде се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците дека ќе се нарече Назареец.

Матеј 2