Матеј 2:11-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.

12. И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.

13. А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.”

14. И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет;

15. и таму беше до Иродовата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.”

16. Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците.

17. Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече:

18. ”Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.”

19. А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет,

20. и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.”

21. И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева.

Матеј 2