1. А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим,
2. и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.”
3. Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него.
4. И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос.
5. А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така:
6. ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’
7. Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата,
8. и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.”
9. Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето.
10. И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост.
11. И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.