Матеј 14:13-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. А кога го чу тоа Исус, се повлече оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но мноштвата чуја и Го следеа пеш од градовите.

14. И кога излезе виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни.

15. А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.”

16. Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!”

17. А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.”

18. А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.”

19. И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата.

20. И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни.

21. А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата.

22. И веднаш ги натера Исус учениците Свои да влезат во кораб и да отидат пред Него на другата страна, додека да го распушти народот.

23. И штом го распушти народот, се искачи на гората, за да се моли насамо. А кога се свечери, беше Сам таму.

24. А коработ веќе беше многу стадии далеку од брегот, измачуван од брановите, зашто ветерот беше спротивен.

Матеј 14