Матеј 13:24-44 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива.

25. Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде.

26. А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот.

27. А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’

28. А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’

29. А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата.

30. Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.”

31. Друга парабола им претстави, велејќи: „Царството небесно е слично на синаповото зрно, кое човекот го зеде и го посеа на својата нива;

32. тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога е пораснато, поголемо е од зеленчуците и станува дрво, така што птиците небесни доаѓаат и се гнездат на неговите гранки.”

33. Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.”

34. Сето ова Исус им го кажа на народот во параболи, и без парабола Тој не им говореше;

35. за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.”

36. Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.”

37. А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки.

38. Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот,

39. а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели.

40. Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот.

41. Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие,

42. и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби.

43. Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!”

44. ”И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сè што има, и ја купува таа нива.”

Матеј 13