1. Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето.
2. И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот.
3. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее,
4. и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа.
5. Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја.
6. А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија.
7. Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши.
8. Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет.
9. Кој има уши да слуша, нека слуша!”
10. И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?”
11. А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено.
12. Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има.