Матеј 12:20-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Нема да докрши прекршена трска, ниту ќе угасне фитиљ што тлее, додека го изведе судот кон победа.

21. И народите ќе се надеваат во Неговото Име.”

22. Тогаш доведоа при Него еден опседнат од демон, кој беше слеп и нем; и го исцели, така што слепонемиот проговори и прогледа.

23. И сите мноштва се восхитуваа и зборуваа: „Не е ли Овој Синот Давидов?”

24. А фарисеите, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој ги изгонува демоните само преку Велзевул, владетелот на демоните.”

25. Исус знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Секое царство, разделено против себеси, запустува, и секој град или дом, кој се разделил против себеси, нема да опстане.

26. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил против себеси, и како ќе опстане неговото царство?

27. И ако Јас ги изгонувам демоните преку Велзевула, преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии;

28. но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Духот Божји, тогаш царството Божјо дошло врз вас.

29. Или, како може некој да влезе во куќа на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, и тогаш ќе му ја ограби куќата?

30. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, растура.

31. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да се прости.

Матеј 12