1. Во она време, Исус минуваше низ посевите во сабота; а Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат.
2. А фарисеите штом го видоа тоа, Му рекоа: „Гледај, Твоите ученици прават, што не е дозволено да се прави во сабота.”
3. А Тој им рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние кои беа со него?
4. Како влезе во Божјиот дом и ги изеде изложените лебови, што не смееја да ги јадат ни тој, ни неговите другари, а само свештениците?
5. Или, зар не сте читале во Законот дека свештениците, во сабота во Храмот, ја осквернуваат саботата и не се виновни?
6. Но Јас ви велам, има тука еден што е Поголем од Храмот.
7. Ако би сте знаеле што значи: ‘Милост сакам, а не жртва,’ немаше да ги осудите невините.
8. Зашто Синот Човечки е Господар и на саботата.”
9. И кога си замина оттаму, дојде во нивната синагога.
10. И ете, таму беше човек со исушена рака; и - за да Го обвинат - го прашаа, велејќи: „Дали е дозволено да се исцелува во саботите?”
11. А Тој им рече: „Кој човек од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, не ќе ја фати и не ќе ја извади?
12. А колку е поскап човекот од овцата. Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.”
13. Тогаш му рече на човекот: „Протегни си ја раката!” И тој ја протегна, и таа стана здрава како и другата.
14. А фарисеите излегоа и се советуваа против Него, како да Го погубат.
15. Но знаејќи го тоа, Исус се отстрани оттаму; а мнозина Го следеа и ги исцели сите,
16. и ги предупреди да не разгласуваат за Него;
17. за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој рече:
18. ”Еве Го Мојот Слуга, Кого Го избрав; Мојот Возљубен, во Кого Ми е милината на Мојата душа. Ќе Го положам Мојот Дух на Него и ќе им објави суд на народите.
19. Нема да се препира, ниту ќе вика, ниту некој ќе го чуе Неговиот глас по улиците.
20. Нема да докрши прекршена трска, ниту ќе угасне фитиљ што тлее, додека го изведе судот кон победа.
21. И народите ќе се надеваат во Неговото Име.”