Матеј 10:9-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси;

10. ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана.

11. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него.

12. А кога ќе влезете во домот, поздравете го.

13. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам.

14. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе.

15. Вистина ви велам, полесно ќе и биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.”

16. ”Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби.

17. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги.

18. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите.

19. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете;

20. зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас.

21. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.

22. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.

23. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.”

24. ”Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар.

25. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни!

Матеј 10