Матеј 10:21-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.

22. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.

23. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.”

24. ”Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар.

25. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни!

26. Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае.

27. Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите.

28. И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеколот.

29. Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко.

30. А вам ви се изброени дури и влакната на главата.

31. И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.”

32. ”И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.

33. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.”

34. ”Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч.

35. Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва,

36. и непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни.

37. Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене;

38. и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене.

39. Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.”

Матеј 10