Марко 8:14-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. И заборавија да земат леб, и имаа само еден леб со себе во коработ.

15. И им заповеда, велејќи; „Гледајте! Чувајте се од фарисејскиот квас и од квасот Иродов!”

16. Тие пак размислуваа меѓу себе: „Бидејќи немаме леб!”

17. А Исус кога го разбра тоа им рече: „Зошто мислите дека немате леб? Уште ли не разбирате и не сфаќате? Скаменето ли е вашето срце?

18. Очи имате, а не гледате? Уши имате, а не слушате?

19. И не си спомнувате ли, кога ги раскршив петте лебови на пет илјади, колку кошници полни со залаци кренавте?” Му рекоа: „Дванаесет.”

20. Кога раскршив седум лебови на четири илјади, колку кошници полни со залаци кренавте?” Рекоа: „Седум”.

21. И им рече: „Уште ли не разбирате?”

22. И дојдоа во Витсаида. И Му доведоа еден слеп и Го молеа да го допре.

23. Тој го фати слепецот за рака, го изведе надвор од селото и му плукна во очите; ги положи рацете на него и го праша: „Гледаш ли нешто?”

24. Ги подигна очите и рече: „Гледам луѓе како одат - ги гледам како дрва.”

25. Потоа пак ги положи рацете на неговите очи, и прогледа и оздраве, и гледаше сè јасно.

26. И го испрати во неговиот дом, велејќи: „Не влегувај во селото, и никому не раскажувај!”

Марко 8