24. И им рече: „Внимавајте што слушате! Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придаде вам, кои слушате.
25. Зашто кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што го има.”
26. И велеше: „Така, Божјото Царство е како кога човек ќе фрли семе во земја;
27. и спие и станува ноќе и дење, а семето никнува и расте, а самиот не знае како.
28. Земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебло, после клас - потоа клас полн со зрна.
29. А кога плодот узрее, веднаш испраќа срп, зашто настанала жетва.”
30. И велеше: „Со што да го споредиме Божјото Царство? Со каква парабола да го претставиме?
31. Тоа е како синаповото зрно, што кога се сее во земјата, е помало од сите семиња на земјата;
32. но кога е посеано, израснува и станува поголемо од сите зеленчуци и пушта големи гранки, така што небесните птици можат да се гнездат под неговата сенка.”
33. Со многу такви параболи им го кажуваше словото, колку што можеа да слушаат.
34. А без параболи ништо не им говореше, но насамо им објаснуваше сè на Своите ученици.