Марко 16:8-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати трепет и страв. И никому ништо не рекоа, зашто се боеја.

9. А кога воскресна рано, во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони.

10. Таа отиде и им јави на оние, кои беа со Него - кои тагуваа и плачеа.

11. А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела - не поверуваа.

12. Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа во селото.

13. И тие отидоа и им јавија на другите; но и ним не им поверуваа.

14. Најпосле им се јави и на Единаесетмината, додека беа покрај трпезата, и ги укори заради нивното неверие и закоравеноста на срцето, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.

15. И им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!

16. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.

17. А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици;

18. ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.

19. А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небо и седна оддесно на Бога.

Марко 16