23. И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими.
24. Потоа Го распнаа и ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка за нив - кој што да земе.
25. А беше третиот час, кога Го распнаа.
26. И беше напишан натпис, што ја означуваше Неговата вина: „Јудејски Цар.”
27. И со Него распнаа двајца разбојници; едниот оддесно, а едниот одлево, до Него.
28. И се исполни Писмото кое вели: „И Го вброија меѓу злосторници.”
29. А минувачите Го хулеа, вртејќи со своите глави и велејќи: „Уа! Ти што го уриваш Храмот и го соѕидуваш за три дни,
30. спаси Се Себеси и слези од крстот!”
31. Слично се ругаа првосвештениците, заедно со книжниците, говорејќи еден на друг: „Другите ги спаси, а Себе не може да се спаси!
32. Христос - Израелевиот Цар! Нека слезе сега од крстот, да видиме и да поверуваме!” Го навредуваа и оние, кои беа распнати со Него.
33. А во шестиот час, настана темнина по сета земја, до деветтиот час.
34. А во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Или! Или! Лама Савахтани!”- што значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!”
35. Штом го чуја тоа, некои од оние, кои стоеја таму, рекоа:”Ете, го вика Илија!”
36. И еден отрча и накваси сунѓер во киселина, ја надена на трска и Му даде да пие, велејќи: „Оставете, да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!”
37. А Исус викна со силен глас и издивна.
38. И храмската завеса се расцепи надве, одозгора до долу.
39. А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него, дека така издивна, рече: „Навистина, Овој човек беше Божји Син!”
40. А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија Магдалена, Марија мајка на Јаков малиот и на Јосија и Салома,
41. кои одеа по Него, кога беше во Галилеја, и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим.
42. А кога веќе се свечери, бидејќи беше подготвување, односно ден спроти сабота.
43. Дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото Царство, се осмели и влезе при Пилата и го побара Исусовото тело.