3. И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава.
4. А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото!
5. Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!” И негодуваа против неа.
6. Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто и досадувате? Таа направи добро дело на Мене.
7. Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш.
8. Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение.
9. И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.”
10. И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде.
11. А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде.
12. А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Неговите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?”