Марко 14:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А беа два дни до Пасха и до празникот на Бесквасните лебови. И главните свештеници и книжниците бараа како да Го фатат на измама и да Го убијат,

2. но зборуваа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.”

3. И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава.

4. А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото!

5. Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!” И негодуваа против неа.

6. Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто и досадувате? Таа направи добро дело на Мене.

7. Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш.

8. Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение.

9. И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.”

10. И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде.

11. А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде.

Марко 14