1. И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!”
2. А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат.
3. И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо:
4. ”Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сè тоа ќе се исполни?”
5. А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами!
6. Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина.
7. Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток;
8. зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.”
9. ”Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво.
10. Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи.
11. А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух.