9. И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе го даде на други.
10. Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот;
11. тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи’!”
12. И бараа да Го фатат, но се плашеа од народот; зашто разбраа дека за нив ја кажа таа парабола. И Го оставија и си отидоа.
13. Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат во збор.
14. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето, туку според вистината учиш за Божјиот пат. Дали е дозволено да се даде данок на царот или не е? Да даваме ли или да не даваме?”
15. А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете ми денариј да го видам!”
16. А тие Му донесоа. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Тие пак рекоа: „На царот.”
17. Исус им рече: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.” И Му се чудеа.
18. И дојдоа при Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:
19. ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре брат и остави жена, а не остави потомок; неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на брата си.”
20. Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок.
21. И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така.
22. И седуммината не оставија потомство. А по сите умре и жената.
23. По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена, зашто седуммината ја имаа за жена?”
24. Исус им рече: „Не се заблудувате ли, зашто не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила?
25. Зашто кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како небесните ангели.
26. А за мртвите - дека ќе воскреснат, не читавте ли во Мојсеевата книга, при капината, како Бог му рече: ‘Јас Сум Бог Авраамов, и Бог Исаков и Бог Јаковов’?
27. Тој не е Бог на мртвите, туку на живите! Многу се измамувате!”