5. Испрати и друг, а него го убија; и мнозина други: едни претепаа, а други убија.
6. Имаше уште еден: возљубениот син. Него го испрати последен при нив, велејќи: ‘Ќе го почитуваат мојот син!’
7. Но, земјоделците си рекоа меѓу себе: ‘Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.’
8. И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9. И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе го даде на други.
10. Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот;
11. тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи’!”
12. И бараа да Го фатат, но се плашеа од народот; зашто разбраа дека за нив ја кажа таа парабола. И Го оставија и си отидоа.
13. Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат во збор.
14. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето, туку според вистината учиш за Божјиот пат. Дали е дозволено да се даде данок на царот или не е? Да даваме ли или да не даваме?”
15. А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете ми денариј да го видам!”
16. А тие Му донесоа. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Тие пак рекоа: „На царот.”
17. Исус им рече: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.” И Му се чудеа.
18. И дојдоа при Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:
19. ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре брат и остави жена, а не остави потомок; неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на брата си.”
20. Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок.
21. И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така.
22. И седуммината не оставија потомство. А по сите умре и жената.
23. По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена, зашто седуммината ја имаа за жена?”